Најавата на европскиот висок дипломатски претставник Жосеп Борел дека Македонија ќе се приклучи на санкциите против Турција ја изненади македонската јавност. Санкциите се релативно мали во обем – се однесуваат на менаџери од турската државна нафтена компанија кои се вклучени во турските истражувачки активности за наоѓалишта на нафта и гас во Средоземно Море.
Наоѓалиштата јужно од Кипар се во спорна морска зона, и Кипар и нивниот патрон Грција го искористија своето влијание во ЕУ да издејствуваат санкции откако Турција почна да трага по енергенси на дното на морето. Грција и Кипар, заедно со Израел и компании од Франција и Италија, имаат свои планови за експлоатирање на подводните наоѓалишта на нафта и гас.
Односите се дополнително затегнати откако Турција и Грција почнаа да поддржуваат различни завојувани страни во Либија, при што Турција потпиша договор со либиските претставници блиски до неа за морската граница меѓу двете земји, договор кој според Грција навлегува во нејзините територијални води.
Земјите членки на ЕУ се приклучија кон санкциите, а Борел најави дека и кандидатките, како Македонија, Албанија и Црна Гора, а и други земји како Исланд и Ерменија, исто така ќе се придружат на санкциите. Иако санкциите се засега мали по обем, тие имаат силно симболично влијание во Македонија. Турција е еден од нашите најголеми трговски партнери. Со децении наназад Турција беше и силен стратегиски партнер на Македонија, поддржувајќи не во спорот со Грција.
Грчките власти, пред својата јавност, отворено го претставуваат наметнатото решение на спорот за името со Македонија како чекор кој им ги одврзува рацете да фокусираат повеќе притисок врз Турција. Ваквото претставување на договорот од Преспа, како затворање на помал фронт за да се удри посилно на поголемиот, е далеку од духот на добрососедството, а со него, и Македонија се најде во ситуација во Турција да биде видена како земја која му помага на еден од главните турски ривали да изврши притисок врз Турција.
Македонската Влада тивко, во ноември минатата година, се приклучи на одлуката на Европскиот Совет за создавање механизам за санкции, кој подоцна се употреби против двајцата турски претставници. Турција засега јавно не реагираше на овој потег. Но, еден друг развој на настаните отвори сомнеж дека Македонија ја губи добрата волја на Турција. Претседателот Стево Пендаровски, кој во минатото го нарекуваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како авторитарен владетел и автократ, неодамна изјави дека бара помош од Турција за набавка на респиратори, кои може да станат крајно потребни доколку ескалира епидемијата на корона вирусот. Земјите од ЕУ, и самите соочени со недостиг на респиратори, го запреа извозот на овие машини на Балканот, а Македонија доби само скромна помош од Кина, по што Пендаровски рече дека се обратил кон Турција.
– За жал, нашата пријателска Турција од познати причини воведе ембарго на било каков извоз нареспиратори, изјави Пендаровски за новинската агенција Анадолија, по што рече дека работи со кабинетот на Ердоган да издејствува дозвола за увоз на респиратори. Турција се мобилизираше да го засили производството на маски и респиратори, и веќе испрати и помош до некои од најтешко погодените земји како Шпанија и Италија. Но за Македонија, може да се случи заладувањето на традиционалното пријателство со Турција да дојде во најлош можен момент.
„Република“ го праша техничкиот премиер Спасовски дали Македонија навистина се приклучила кон санкциите на ЕУ за Турција, но за жал не добивме одговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.