Новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), денеска е ставен на дневен ред на 108-та собраниска сеница. Законот, кој е од особено значење за евроинтеграцијата на земјата, влегува во собраниска процедура со европско знаменце и по скратена постапка.
Во пресрет на седницата, вчера состанок за законот во Собранието одржаа работните групи на власта и на опозицијата, но не беше постигнат напредок по спорните прашања. Министерката за правда Рената Дескоска по средбата изјави дека клучно прашање околу кое не се согласни двете страни е статусот на предметите на СЈО.
Нашиот предлог е тие предмети да бидат транферирани во обвинителство за организиран криминал од точката до која се стасани во СЈО со цел да нема одоговлекување и да нема застој во постапките и губење докази. Се договоривме, забелешките коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ да ги преточи во амандмани. Со оглед на тоа дека законот утре влегува во собраниска процедура, а комисиската расправа треба да почне в четврток, дотогаш треба да бидат поднесени амандманите, така што, на конкретен текст ќе се договориме и во зависност од нивната подготвеност, ќе седнеме во периодот до четврток, рече Дескоска.
Пратеникот Антонио Милошоски кој ја предводи работната група на ВМРО-ДПМНЕ, не прецизира каков став ќе има денеска партијата, но укажа дека власта го предлага законот без опозицијата и оти таа не може да има позитивен пристап кон тоа.
Оставаме можност на комисиската расправа со квалитетни амандмани да го подобриме законскиот текст доколку има подготвеност од владејачкото мнозинство да има закон кој ќе биде широко прифатен и заснован на стандардите од Стразбур, рече Милошоски.
Според него, аферата „Рекет“ налага потреба од донесување системско решение, а во однос на префрлањето на обвинителите од СЈО во новото обвинителство, Милошоски повтори дека нивниот став е оти не би требало, по автоматизам, секој да биде на некоја битна позиција во ова обвинитество.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.