Работните тимови на власта и на опозицијата утре ќе одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Средбата е закажана во 18 часот во Министерството за правда.

Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.

Заев вчера во тв дуелот со лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Мицкоски најави дека ќе прифати се што не подразбира заштита на криминал и е согласно Уставот и законите. На Фејсбук, пак, по дуелот, напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.

Мицкоски пак на тв дуелот кажа дека до Министерството за правда и до меѓународната заедница доставиле 65 амандмани, откако Министерството претходно ги прифатило принципите што го побараа – правда за секого и сите, меѓународни правила и прописи инкорпорирани со сето значење и почитување на човековите права согласно принципите на Судот во Стразбур, ЕК и Венецијанската комисија.

Од Министерството за правда потврдија дека вчера вечерта по завршувањето на ТВ дуелот меѓу Заев и Мицкоски, до нив пристигнале амандманите за законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, се одвиваат консултации за законот и со помалите парламентарни политички партии



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.