Двете предлог-решенија за државната матура што беа изложени пред средношколците во писмена форма ќе бидат пратени и до Министерството за образование и наука (МОН) и до Владата и се надеваме на позитивен одговор, изјави пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, откако денеска на дебатата што ја организираше парламентарниот Клуб на младински политики беа понудени две опции – матурантите да полагаат два екстерни испита, а за интерните да добијат просечна оценка од четирите години во средно образование или да ги полагаат предметите по скратени програми.   

Според Зајкова ова е пример за компромисно решавање на општествените проблеми- во Собранието се слушнал и гласот на средношколците, а низ дебатата се наметнало оптимално решение за кое се надева дека ќе биде прифатливо и за учениците, и за Сојузот на средношколци, и за МОН и за Владата.   

Предлогот опфаќа две опции. Првата претпочита матурантите од предвидените четири предмети да полагаат само двата екстерни, додека за интерните предмети да им биде впишана просечната оценка од четиригодишното школување. Другата опција опфаќа да се полагаат два екстерни предмета како што бараат матурантите, и два интерни, но со скратен обем. Скратувањето произлегува од претходно скратената настава поради ковид-кризата, неможноста соодветно да се следат предавањата и, како што тврдат средношколците, поради оскудните техничките услови на дел од нив, рече Зајкова.   

Според претседателот на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи за нив е прифатлива првата опција, но конечна одлука ќе донесат по состанок со членството.   

За два интерни предмета ќе треба да се напише просечна оценка од изминатите четири години во средно образование. Ќе дискутираме во Сојузот и ако тоа се прифати, ние ќе пратиме образложена форма до Владата и до пратениците, изјави Ходаи. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.