Поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, вели дека предлогот кој утре во Софија ќе го донесат министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, а со кој би се одблокирал пристапниот процес за Македонија, не ја задоволува рамковната позиција на Бугарија.
Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања во Скопје ќе престане? Дали Република Македонија повеќе нема да ги прогонува своите граѓани со бугарска самосвест? Дали на граница нема да попречуваат влез на бугарски книги? Дали нема да ги попречуваат бугарските инвеститори? Дали ќе емитуваат бугарска телевизија? Дали ќе запрат со црната кампања против Бугарија низ цела Европа? Јас овие гаранции не ги видов – коментира Захариева.
Таа вели дека целта на утрешната посета е јасна – претседателот Румен Радев и техничката влада која тој ја назначи да ја одобрат преговарачката рамка за Македонија за да може да се одржи првата меѓувладина конференција и де факто да почнат преговорите за членство со ЕУ.
Меѓутоа, според неа, во предлогот кој го носат европските претставници ги нема потребните гаранции.
Обидот за постигнување компромис е јавна тајна во Брисел и тој циркулира низ ходниците на Европската комисија и светот. Се запознав со него и си дозволам однапред да го коментирам. За жал, предлогот повторно не одговора на рамковната позиција на Бугарија, прифатена од Владата и едногласно усвоена во парламентот бидејќи во него нема никакви гаранции дека нашите соседи ќе ги прифатат европските вредности – коментира Захариева на Фејсбук.
Таа вели дека утре со интерес ќе ги следи разговорите кои ќе се одвиваат за време на посетата на Силва и Вархеји и порачува дека бугарската дипломатија и под нејзино раководство било за проширување на ЕУ, но не на штета на некоја земја-членка.
Ние го признаваме правото на самоопределување на граѓаните на Република Македонија, како и нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, но исто така е правилно тие да го признаат нашето заедничко минато. Само тогаш ќе можеме да одиме заедно напред – порачува Захариева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.