Бугарија не го смени мислењето дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ. Софија инсистираше на видливи резултати во спроведувањето на Договорот за добрососедство со РС Македонија. Тоа е позиција што ја предложи бугарската влада, а едногласно ја усвои парламентот, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во инттервју за радио „Дарик“.
– Секогаш може да се бара повеќе од еден договор. Проблемот е во тоа што довербата е веќе на многу ниско ниво – вели Захариева.
Таа тврди дека никој не го оспорува правото на самоопределување и слободно изразување, а проблем не бил ниту јазикот.
– Јазикот никогаш не бил непремостлива пречка за пристапувањето на РС Македонија. Тој е непремостлива пречка за нив. Господинот претседател (Стево Пендаровски) многу добро знае за што станува збор, и не треба да ги извртува работите – истакнува Захариева.
Според неа, „пропагандата во РС Македонија има за цел да го одвлече вниманието од фактот дека не се почитува напишаното во Договорот за добососедство“.
– Политичките прашања мора да ги решат политичарите. Проблемот е во тоа што нашите пријатели од РС Македонија се обидуваат да им пренесат политички прашања на историчарите – смета Захариева.
Сепак, таа признава дека позицијата не е лесна за разбирање, но оти ќе продолжат со напорите да ја обајснат. Но, додава Захариева, тоа не значи дека Бугарија треба да продолжи да ги затвора очите.
– За да се решат проблемите со РС Македонија, треба да се намалат емоциите. Со емоции и разговори преку медиумите тоа нема да се случи. Потребна е добронамерност, отвореност, ставање на проблемите на маса и да им се остави на историчарите да си ја вршат својата работа без политички притисок – заклучува шефицата на бугарската дипломатија.
Интервјуто за „Дарик“, таа го дообјаснува и на својот фејсбук портал. Повторува дека местото на земјите од Западен Балкан е во ЕУ, но кога ќе бидат подготвени за тоа.
– Очекувањата во Република Македонија дека некој ќе изврши притисок врз нас и ќе го заборавиме спроведувањето на Договорот за добрососедство и одлуката на нашиот парламент не се реални. Им кажавме: Не сметајте на тоа, ние не работиме така во ЕУ – пишува Захариева.
Наведува дека е загрижена поради „грдите манипулации што ги започнаа политичарите во Скопје дека го оспоруваме нивното право на самоопределување“.
– Напротив, во Република Македонија тие не го почитуваат правото на самоопределување на своите граѓани со бугарска самосвест – пишува Екатерина Захариева на Фејсбук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.