На хоризонтот не се гледаат промени во политиката на Бугарија кон Македонија. Бугарските позиции остануваат исти, барем во наредните шест месеци, најави шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева.
Во писмен одговор до бугарскиот весник Труд, покрај постојните отворени прашања, од ресорот на Захариева сега се спомнуваат и Македонците кои поседуваат бугарски пасоши, кои според тамошното МНР – не смеат да бидат предадени.
“Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, посочуваат од бугарското МНР.
Покрај политичарите, ветото во Брисел го коментираат и бугарските историчари од мешовитата комисија. За професорот Кајчев дури и Бугарија не е таа што ја спречила Македонија на евроинтегративниот пат.
Во меѓувреме, единствената политичка партија кај источниот сосед која застана против ветото, уште еднаш предупреди на последиците. Од “Републиканци за Бугарија”, која ја води еден од некогашните најблиски соработници на премиерот Борисов, тврдат дека блокадата е стратешки неправилен потег.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.