Ситуацијата во Македонија во однос на загаденоста станува се по алармантна, бидејќи таа секојдневно расте, а власта упорно ја игнорира реалноста. Денеска вредностите на загадувањето се ниски, па дури некаде нема загадување, благодарение на дождот кој го прочисти воздухот. Сепак тоа не значи дека за скоро време нема пак да бидеме како во гасна комора, со оглед на тоа дека не се прави ништо за системски да се реши проблемот со загадувањето, туку се чека временските прилики да си го направат своето. Ефектот на дождот и ветерот во расчистувањето на загаденоста е многу краткорочен и минлив.

Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на собирот „Обнова на Македонија“, што се одржа во салата „Јане Сандански“ во Скопје, порача дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ во 4-годишниот мандат ќе вложи не помалку од една милијарда евра за заштита на животната средина.
Да ни дишат најмилите чист воздух. Проекти во енергетската ефикасност и брза, експресна гасификација на Македонија. И не можам да ви ветам дека дека веднаш ќе почне да дува чист аплски воздух, тоа е невозможно. Но можам да ви ветам најмалку педесетина проценти почист амбиентален воздух – рече вчера Мицкоски.
Македонија тоне во смог, а Зоран Заев и неговите олигарси профитираат од горењето на кокс со 18% сулфур диоксид и обоен текстил, обвинуваат пак од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ три години е на власт. Три години ништо нема преземено за намалување на загадувањето. Напротив загадувањето е зголемено. Скопје е на листата најзагадени градови во светот. Скопје со денови има покривка од смог. Градот е огромен логор, а Петре Шилегов наместо да купи 300 прочистувачи за воздух дава 100.000 евра за настап на Дино Мерлин за Нова Година. Новогодишната вечер ќе дојде и ќе помине, а скопјани пак ќе дишат загаден воздух. Скопје се гуши, а Шилегов се слави, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ништо подобри не се ниту Битола, Струмица, Тетово, Куманово, Кичево и Кавадарци.
Додека олигарсите на Заев ги полнат сметките, граѓаните ги полнат болниците. Негрижата за здравјето на граѓаните е алармантна. По падот на СДСМ следува обнова на Македонија и проекти на ВМРО-ДПМНЕ во висина од 1 милијарда евра за намалување на загадувањето за 50% во првиот мандат – порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.