Премиерот Зоран Заев и генералната секретарка на Советот за регионална соработка во рамките на Берлинскиот процес Мајлинда Брегу на маргините на настанот Преспа форум дијалог испратија порака по повод укинувањето на роаминг тарифите помеѓу шест земји на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.
Во својата порака премиерот Заев пишува:
„Успеавме! Од денеска нашите граѓани можат да комуницираат за 0 денари во роаминг.
Ова е пораката којашто заедно со селфи ја испративме со Мајлинда Брегу на нашите пријатели во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, и Црна Гора. Инспирирани од Европската унија, воспоставивме и создадовме средина каде што сите наши граѓани ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони да зборуваат, да испраќаат пораки и да користат интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци. Ја остваривме идејата која ја договоривме во 2019 година за да го олесниме поврзувањето меѓу нашите граѓани, меѓу бизнисмените, академската заедница и младите и да го забрзаме напредокот кон поврзување на регионот. Ова е наш заеднички успех и здружување на иницијативите за подобри услуги за нашите граѓани и за забрзување на економскиот напредок на регионот. Со ова сме чекор поблиску до приклучување кон концептот “Роаминг како дома” со земјите од Европската унија“.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу во својата порака на оваа заедничка промоција за 0 роаминг меѓу земјите на Западен Балкан со премиерот Заев истакна:
„Да, денеска е историски ден, ние сме во роаминг фри зона за сите држави од Западен Балкан. РСС одигра важна улога во овој процес, но немаше да ја постигнеме целта без лидерите од регионот, нивната посветеност и соработка, заедно со партнерството од Европската Комисија. Од овој ден, ги избришавме границите, бариерите и тарифите на нашите мобилни телефони. Како што истакна и премиерот Заев, следен предизвик ни е да ги започнеме разговорите со Европската Унија и да ги намалиме цените во роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ“, заклучи Брегу.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.