Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш ги потенцираше своите несогласување со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во врска со случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во време на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, но потенцира дека со тоа нема намера да влијае на процесите, туку дека има право на свое мислење. Исто така, порача дека софтверот ѝ е потребен на Владата и можат да ѝ го наметнат на која било институција што има потреба да го користи.
„Никој не е изземен од законот, како што и никој не е виновен додека не му се докаже вината. Но, да создадете постапка во која учествуваат пет компании, имате компетивност, натпревар со лицитација, од осум милиони паѓа на 5 милиони и 100. Софтверот е завршен, апсолутно е истестиран и Владата има целосно право да го направи за сопствени потреби. Ако донесеме одлука како Влада, можеме да го наметнеме на која било од институциите што им треба. Имаме донесено одлуки согласно Законот и планот за јавни набавки, согласно одлуки на Влада, согласно пари предвидени во Буџетот за таа намена и апсолутно е нешто што е потребно за државата“, рече Заев.
За софтверот, кој никој не го користи, а МВР не знаело за набавката, беше набавен за 80 000 евра, Заев денеска направи споредба со Франција и рече дека таму таков бил купен за сума 6,5 милиони евра.
„Софтверот во Франција е платен 6,5 милиони евра. Истиот софтвер, за истата намена кој скенира таблички, лик, очи…“, рече Заев.
Премиерот и денеска го повтори вчерашниот став од седницата за пратенички прашања – дека има право на свое мислење, а несогласувањата со Обвинителство ги смета како доказ за независноста во правосудството.
„Моето негодување за овој предмет кон Јавното обвинителство ја испраќа конечната потврда што нашиот народ ја чекаше – дека не диктира премиерот, не диктира политиката што треба да работи судството или обвинителството. Сум се согласувал со стотици предмети, со два, четири, шест предмети имам право да не се согласам. Секако, и да не се согласам ако пресудите се донесат и се конечни, може да не се согласувам, но сум должен да ги почитувам. Притоа, борбата за слобода во која сум учествувал заедно со многу сограѓани денес ја живееме и таа ни дава право секој да искоментираме онака како што мислиме“, вели Заев.
Тој повторно потсети дека не се согласувал со Обвинителството и за притворите на ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, бидејќи смета дека притворот не треба да биде казна.
„Истовремено, бев и во суд, каде што бев повикан како сведок за 27 април, а таму беше токму обвинителката Русковска. Го кажав своето мислење за организаторите, посебно како човек кој беше меѓу првите таргети на тој грозоморен 27 април. Го кажав тоа што го мислам. Јас сум должен да ги охрабрам граѓаните да го кажат тоа што го мислат, но секако, институциите, одлуките и законите сите мора да ги почитуваме. Тука нема дилема“, изјави премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.