Претседателот на Владата Зоран Заев заедно со министерката за култура Ирена Стефоска извршија обиколка и се информираа за динамиката на реконструкцијата на Офицерскиот дом во Битола.

При увидот, премиерот и министерката беа информирани дека по успешно подготвената проектна документација за објектот, ентериерното уредување е во завршна фаза и дека во Предлог-буџетот, кој треба да биде усвоен од Советот на Општина Битола, локалната самоуправа предвидува средства и за завршување на партерното уредување околу Офицерскиот дом.

На средбата беше констатирано дека овој објект е од големо значење за битолчани и дека неговото постоење е совршен спој на минатото и сегашноста, на културата, традицијата и историјата. Започнат во времето на Отоманската империја и изграден за време на српското владение на овие простори во 1919 година, Офицерскиот дом, кој се користел за балови, а има најсоодветна акустична сала за концерти ќе биде ставен во функција во 2021 година.

На одржаната презентација беа конкретизирани одредени намени на објектот и неговата околина, во однос на функционалноста и одржливоста, кои понатаму се доработуваат и преку проектната документација ќе бидат доставени до Светска банка и делегацијата на ЕУ.

Офицерскиот дом се реконструира со средства од подгрант средства од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија (администриран од Светска банка).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.