Претседателот на СДСМ Зоран Заев во 11 часот ќе го достави до Собранието својот предлог-состав на новата Влада, како и програмата за нејзина работа.

Поднесувањето на предлог-составот на новиот владин кабинет следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во законодавниот дом.

Новата Влада ќе биде помала во однос на претходната, односно ќе има 19 министри наместо досегашните 26.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Јетон Шаќири.

Зоран Заев го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски на 13 август, по што имаше рок до 2 септември за доставување на предлог составот и програма на Владата.

Според уставните и законските одредби, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Владината коалиција што ја сочинуваат  СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.