Во честитка по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, премиерот Зоран Заев порачува дека одбележувањето на овој празник е можност да искажеме признание на влашкиот народ на вековниот стремеж за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.
Заев во свое лично име и во име на Владата на сите припадници на влашката заедница им го честита 23 Мај – Националниот ден на Власите.
Со Националниот ден на Власите оддаваме чест на исклучително значајниот придонес на влашката заедница во нашата заедничка историја, во општествениот и културен развој на Република Македонија. Влашката заедница секогаш била силен и темелен елемент во нашата заедничка борбата за слобода, правда, независност, во сите етапи на македонската државност. Власите споделувајќи ги овие вредности за вистина и праведност, учествуваа и имаат истакнато место во најважните поглавја на нашата долга и богата историја, во сите премрежија и се нераскинлив дел на нашето вековно заедничко живеење – вели Заев во честитката.
Тој додава дека Власите имаат посебно место и во поновата, современа историја на нашата земја.
Истакнато место, учество и влијание имаат во стопанството, во финансискиот сектор, во високото образование како универзитетски професори и академици. Како достојни продолжувачи на делото на вашите славни предци, би сакал да се заблагодарам за вашиот несебичен придонес во градењето на заедништвото и низ толеранција, доверба и почитувањето да ја продолжиме изградбата на „Едно општество за сите”. Нека е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите! – вели Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.