Премиерот Зоран Заев, при средбата со претставниците на Сојузот на средношколци во Владата, изјави дека во време на корона кризата е потребно да се излезе во пресрет и низ дијалог да се изнајдат компромисни решенија.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата, средношколците, како претставници на Сојузот, му ги образложиле на Заев своите барања, повикувајќи се на образовните модели во Франција, Белгија и Обединетото Кралство, каде е намален бројот на предмети, кои матурантите ќе ги полагаат годинава.

Сослушувајќи ги претставниците на Сојузот на средношколци, кои истакнале дека остануваат на своите барања за намалување на предметите за државната матура на два екстерни предмети, премиерот Заев изразил поддршка на младите средношколци и истакнал дека Владата е отворена низ дијалог да разговара за изнаоѓање заедничко компромисно решение, кое е во полза на матурантите, со цел нивно квалитетно образование и во средното и понатаму во високото образование.

Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата изјави дека премиерот Заев има волја што побрзо да се најде некое решение за проблемот со државната матура за да не изгубат време матурантите кои планираат да се запишат на странските универзитети, како и дека дискутирале кои се можните компромисни решенија доколку измените на Законот не се гласаат во Собрание.

Му кажавме дека сме подготвени да направиме комбинација дали да имаме укинување на еден интерен испит или на еден екстерен испит за да се намали бројот на екстерните и на интерните предмети. Зборувавме и за скратените програми за испитите за државната матура, бидејќи сега само четири предмети имаат скратени програми за полагање на државната матура, а тоа се македонски јазик, хемија, физика и географија. Ние сакаме цел материјал што се изучуваше во време на пандемија, од март 2020 година до крај на оваа учебна година, да има скратени програми за да има фер државна матура – изјави Ходаи по средбата во Владата.

Тој истакна дека процесот за барање на некое решение не треба да биде на штета на матурантите и на средношколците.

Како што му кажавме и на премиерот ќе се трудиме до крајот на февруари да имаме одлука и да ја завршиме целата дискусија во јавноста за државната матура. Ако до крајот на февруари немаме решение во однос на државната матура тогаш со шатори ќе кампуваме пред Министерството за образование и наука. Тоа го утврдивме пред два дена и ќе го направиме ако нема компромис и волја од страна на Владата и Собранието за што побрзо да се најде решение за државната матура. Ако не се најде решение до крајот на февруари ќе кампуваме од 1 март и ќе има многу притисоци и од амбасадите. Затоа е неопходно да се најде некое решение и да бидат прифатени голем број на нашите барање. Како Сојуз на средношколци сме децидни во нашите барања, но сме и отворени за да најдеме компромисни решенија – изјави Ходаи.

Сојузот на средношколци бара наместо четири да се полагаат два предмета за државната матура од кои еден ќе биде мајчин јазик, а вториот по избор на матурантот во зависност од намерата на кој факултет сака да го продолжи образованието. Актуелното решение предвидува да се полагаат четири предмети за државна матура за целиот материјал во изминатите четири години од образованието. вј/лв/

2021-02-09 18:56:17, од Валентин Јанковски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.