Премиерот Зоран Заев во понеделникот по пожарите во Кочани најави дека уште утре ќе биде донесена одлука за сервисирање на противпожарните авиони т.н „Канадери“.
Канадерите се приземјени, Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки-изјави Заев завчера.
Но кое е тоа утре Заев не кажа. Очигледно не мислел на наредниот ден. Во вторникот молк за сервисирањето. Молк и денеска. Помина владината седница, но Канадерите не се најдоа на дневен ред.
Пред владината седница „Република“ побара одговор од Владата дали на седница ќе се разговара за сервисирање на леталата за гансење пожар, со оглед дека тие не се на дневен ред. Оттаму ни рекоа дека во последен момент може да дојде до промена на дневниот ред и за оваа точка да сепак да се дискутира.
Но, владината седница помина, ни С од сервисирање не се спомна. Може и има чогика, што ќе троши сега, кога ќе дојде зима додека да се сервисираат, а тогаш се помалку потребни. Ќе чекаме да загусти следното лето, да пламне Републиката, па тогаш ќе му ја мислиме.
Канадерите беа набавени од Шпанија од претходната влада но тие се приземјени и несервисирани веќе неколку години.
Ова се денешните владини одлуки поврзани со пожарот:
Владата на Република Македонија на денешната седница, на предлог на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој донесе Одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 година со која ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел пожарникари, а дел останати граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари, кои ја зафатија територијата на државата.
Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
На денешната седница, која се одржа преку видеоконференциска интернет врска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги информираше своите колеги и колешки од Владата за состојбата со пожари во државата, потенцирајќи дека безбедноста на граѓаните останува приоритет и информирајќи подетално за помошта која ја нудат соседни и пријателски земји за гасење на пожарите во Република Македонија.
Владата донесе заклучоци и тоа:
– го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) за обезбедување на сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат со санирање на пожарите.
– да се обезбедат податоци за прифаќање на техничка помош и помош во работна сила за обновување на објектите кои претрпеле штети при пожарите, понудена од Швајцарската Конфедерација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.