Премиерот Зоран Заев испрати порака по повод Меѓународниот ден на ненасилство во која ги повика сите граѓани да се спротивстават на насилството.

Денес е Меѓународниот ден на ненасилство, ден кој треба да не потсети дека имаме обврска и должност да градиме култура на мир, трпеливост и меѓусебно разбирање.

 

Реакциите на јавноста по повод бруталноста на одделни припадници на полицијата, како и на некои граѓани против припадниците на безбедносните служби, се израз на зрелоста на нашето општество – очекувам дека ваквите појави ќе станат реткост до целосно исчезнување и дека секогаш ќе бидат осудувани и санкционирани.

 

Ние сме земја која обединува различни етнички, верски групи и други групи. Со векови сме го граделе она што денес го имаме и треба секој ден да се потсетуваме колку е тоа бесценето, но и кршливо и дека секое насилство и говор на омраза се закана за овие наши вредности.

 

Нашата приказна е мозаик со силни контрасти и потребно е постојано да останеме фокусирани на шаренилото и убавината на целиот мозаик, во кое секое камче е вредно зашто е дел од таа убавина.

 

Денес е Меѓународниот ден на ненасилство, ден кој треба да не потсети дека имаме обврска и должност да градиме култура на мир, трпеливост и меѓусебно разбирање.

 

Ве повикувам сите, да се спротивставиме на насилството и да ја раскажуваме нашата убава македонска приказна по која стануваме познати во целиот свет, дека со зборови и дијалог секогаш се доаѓа до решение – порача Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.