Владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети утревечер во Клубот на пратениците по закажаниот состанок со партнерите од коалицијата „За живот“ и сo ДПА и Алтернатива ќе соопштат кој е заедничкиот кандидат за претседател на државата, брифираат извори од владината коалиција. По ова претседателскиот кандидат ќе треба да добие виза од партиските органи на СДСМ и на ДУИ и формална потврда на Конгресот на социјалдемократите закажан за 3 март.

Висок функционер од СДСМ за Плусинфо брифира дека изборот на заедничкиот кандидат за шеф на државата е стеснет помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. Заев ќе треба да пресече дали ќе оди со надпартиски кандидат или со партиско решение.

Од ДУИ пак, брифираат дека сѐ уште во игра се четирите кандидати, односно Спасовски, Пендаровски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Информациите од анализите и анкетите се дека и Спасовски и Пендаровски освен кај членството ја имаат поддршката и кај албанскиот електорат. Според некои информации, ДУИ го преферира Спасовски за консензуален кандидат, за Министерството за внатрешни да ѝ припадне на партијата на Ахмети.

Од ДУИ не коментираат дали атакуваат на МВР, но потврдуваат дека аргументите во прилог на поддршка на партиски кандидат за претседател е дека со таква личност полесно ќе се соработува и дека ќе има повеќе разбирање за „некои ситуации“, отколку надпартискиот кандидат.

Медијал.мк од извори внатре во коалицијата пишува дека актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски ќе биде заедничкиот кандидат на владејачката коалиција СДСМ – ДУИ. Името на Спасовски било изнесено на синоќешниот состанок помеѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети.

Со ова се чини дека сите други кандидатури паѓаат во вода.

Од партијата на Ахмети велат дека е важно што успеале да победи концептот на консензуален кандидат и тоа без наметнувања, туку преку анализи и анкети во двете партии.

По вчерашниот состанок на Заев и Ахмети, премиерот и лидер на СДСМ не се огласи во јавноста. Ахмети соопшти дека паднала одлука за консензуален претседателски кандидат, но одби да коментира кој ќе биде изборот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.