За земјите од Западен Балкан нема друга алтернатива освен влез во Европската Унија и НАТО. Со вербата за членство во НАТО и ЕУ ние го сменивме нашиот Устав, а со тоа и нашето уставно име. Навистина не беше лесно, беше едно горчливо чувство, можете да замислите колку е тешко да додадете нешто на вашето име, но тоа го направивме заради младите луѓе, заради децата и изградивме големо пријателство со нашиот сосед Грција, нагласи премиерот Зоран Заев на денешната онлајн дебата на Атланскиот совет на тема „Македонија на прагот од Европа“.

Тој посочи дека по одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година за започнување на преговорите за членство со земјава, требаше да следи првата меѓувладина конференција, но тоа не се случи поради одлуката на нашиот сосед Бугарија.

Бугарија зазеде не баш пријателска позиција, но јас многу верувам дека тоа е бидејќи изборите се многу блиску во Бугарија, а ние политичарите не сме многу прагматични кога станува збор за избори. Јас верувам дека ако продолжите да ни помагате ќе најдеме решение веднаш по изборите во Бугарија, бидејќи ова е смешен проблем. Не треба да размислуваме како некого да блокираме или стопираме, туку да гледаме кон иднинатата и да ја обезбедиме истата, рече Заев.

Премиерот наведе дека меѓу Скопје и Софија ќе бидат изградени уште повеќе мостови на соработка во разни сектори.

За нас е во интерес да продолжи дијалогот, а не да дојде до замрзнување на преговорите, но сепак постојат некои црвени линии кои ние не можеме да ги поминеме. Бугарија разбира дека ние имаме право на нашиот суверенитет и право на самоидентификација, да се чуввствуваме како Македонци, да го зборуваме нашиот македонски јазик. Ние овде во Македонија ги почитуваме сите европски идентитети, но немаме претензии кон Бугарија или кон било која друга држава во светот, потенцираше Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.