Јас, моите деца и моите родители сме учеле дека Втората светска војна е настаната под организација на нацистичка Германија, на која се приклучила нацистичка Италија, а потоа и други земји. Точно е дека тогаш се приклучила и нацистичка Бугарија и тука не треба да има дилема. Но, тоа била нацистичка Бугарија и не е истата како сегашна Република Бугарија. Ова го рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција запрашан околу најавата за бришење на терминот „бугарски окупатори“ од учебниците и спомениците.
Не станува збор за никакво бришење на историјата. Бугарија тогаш донела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји, а Македонија во тоа време донела одлука да им се приклучи на антифашистичките сили. И тука нема дилема. Фашизмот останува и нема да биде отстранет ниту еден споменик. Сите си го знаеме нашето минато, горчините и предавствата. Но, од нас зависи дали ќе стиснеме заби и ќе влеземе во Европа, давајќи им шанса на идните генерации. Ние ги носиме одлуките и ние одлучуваме како да живееме во иднина и како да ги креираме нашите патишта – рече Заев.
Тој истакна дека очекува зелено светло од Бугарија најскоро во декември годинава.
Најскоро во декември годинава очекуваме зелено светло од Бугарија и тогаш ќе можеме да го направиме следниот чекор. Сè што ќе се постигне како договор и сè што ќе се земе како обврска ќе биде паралелно и обострано спроведувано откако ќе ја добиеме поддршката – истакна Заев, додавајќи дека нашиот источен сосед го прекршил Членот 2 од Договорот за добрососедство кој вели дека Бугарија ќе ја поддржи Македонија на патот кон ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.