Имаме многу што да разговараме, рече денеска премиерот Зоран Заев откако синоќа договори средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во понеделник во Клубот на пратеници. Блокираните закони и проекти во Собранието, но и измените на Изборниот законик со кој би се определиле новите изборни модели за локални и парламентарни избори, тој ги најави како потенцијални теми.
Ќе разговараме за одблокирање на сите блокирани постапки кои вчера дадоа сигнал дека може да ги решаваме, како што беше веднаш прифатен предлогот на опозицијата од страна на претседателот на Собранието и парламентарното мнозинство, да се стави приоритет на гласањето на законите кои значат поддршка помош и поддршка за населението, за работниците, за компаниите. Веројатно тоа треба да ни биде охрабрување да се најде решение за сите други проекти кои се блокирани во Собранието, рече Заев денеска од Делчево.
Како пример тој ги наведе економските проекти, како што е тој за енергетска ефикасност, отворањето на три откупни пункта за земјоделците, трамвајот на тркала во Скопје, Клиничкиот центар итн.
Во понеделник, рече тој, најверојатно ќе соопштат и дека постигнале договор за користење на скенери за отпечатоци од прсти на претстојните локални избори. Но, во локалните избори ќе се дискутира и за отворени листи, како и за една изборна единица на парламентарните.
Мило ми е што во понеделник ќе можеме веројатно да соопштиме дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисокот од прст. Верувам дека Собранието многу бргу ќе го стави на дневниот ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а и да ги определиме изборните модели. Се залагаме за отворени листи за локалните избори каде граѓаните ќе може да го изберат советникот од листата на советници. Би требало да ја отвориме и конечно да ја затвориме успешно демократизацијата на државата преку новиот модел на гласање за парламентарни избори преку една изборна единица која ќе им даде можност на помалите партии да бидат посоодветно застапени во парламентот, рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.