Ако кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, загуби на претстојните претседателски избори од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, ќе се распишат предвремени парламентарни избори, изјави Заев на 18 март годинава.
Но во вечерашниот ТВ дуел не се сеќава на изјавата. Вели не памти дека кажал такво нешто, но, како што нагласи, доколку опозицијата побара, а Пендаровски изгуби, ќе има предвремени избори.
Тој во однос на претседателски избори кажа дека се плаши опозицијата да не бојкотира. Изрази поддршка за Стево Пендаровски и верува во негова победа.
Од друга страна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека професорката Гордана Силјановска Давкова ќе биде победник на претседателските избори. Според него, нејзината победа ја плаши власта, па затоа кажува дека е можен бојкот од страна на опозицијата.
Мицкоски побара фер и демократски избори, а не процес како што беше за време на неуспешниот референдум, каде гласачи гласаа за две секунди на исто избирачко место.
Според Заев, Мицкоски не повикува јасно да се излезе на гласање на избори. Тој повтори дека изборите треба да се фер и демократски за кристално чисто да победел Стево Пендаровски. Лидерот на опозицијата уште еднаш ги повика граѓаните, во двата круга, да излезат на избори и да ја поддржат Силјановска.
Премиерот рече дека ако Пендаровски не победи на изборите, ќе се отвори прашањето за предвремени парламентарни избори, доколку тоа го побара опозицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.