Да ги празнуваме и чествуваме етничките и јазичните различности на нашето општество како наша предност, како наше заедничко богатство, порача премиерот Зоран Заев по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

На денешен ден во 1908 година, во Битола заврши Битолскиот Конгрес на кој се создаде албанската стандардизирана азбука. Конгресот бил свикан на 14 ноември и на него присуствувале делегати од Македонија, од Албанија, и од албанските заедници во Романија, Египет, Америка, Грција, Турција, Италија и други земји.

Со прогласувањето на 22 ноември за Ден на Албанската азбука и празнувањето на овој значаен празник за албанската заедница како составен дел од јазичното и од културното богатство на Македонија, потврдуваме дека јазикот и писмото се мостови за разбирање меѓу традициите, културите и духовните наследства.
На тоа нѐ повикуваат и нашите македонски вредности, кои во исто време се и европски и со кои се движиме на патот на интеграцијата во Европската Унија, напиша Заев на Фејсбук.

Одбележувањето на културните вредности, настани и традиции на сите етнички заедници, вклучувајќи ја и албанската, е во суштината, во основата на нашето мултикултурно општество.

Тоа е силен придонес за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани.
Нашата определба е да градиме и негуваме општество еднакво за сите и да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво што се градеше со векови и што претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Го честитам празникот – Ден на албанската азбука на сите припадници на албанската заедница и на сите граѓани.

Да го прославуваме заеднички и да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови. Заедништвото и грижата која си ја пружаме едни на други се гаранцијата за нашата сигурна и просперитетна, европска иднина, напиша Заев на својот профил на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.