Пу-пу не важи – вака денеска звучеше изјавата на бившиот премиер Зоран Заев за случајот со убиството на момчињата и рибарот кај Смиљковското Езеро. Власта на ВМРО-ДПМНЕ вршела притисок врз судот и врз Обвинителството за случајот Монструм, тврдеше Заев како опозиционер, за денеска да каже дека нема ниту докази ниту информации за такво нешто. Нема информации ниту за вмешаност на Трајко Вељановски во случајот, ниту некој од ВМРО ДПМНЕ разговарал телефонски со обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро. Тој 2,5 часа во судот сведочеше под заклетва за случајот Монструм. Сега не се сеќава што кажал… може прочитал нешто, може слушнал нешто, ама требало да се истражи до крај…
Поигрувајќи си со чувствата на родителите на убиените деца, тој им тврдел дека возилото опел со кое се возеле убијците било на МВР. Денеска со една поинаква приказна – така слушнал, не тврдел. Таткото на убиениот Александар, Горан Наќески, пак посочи дека во самата пресуда која ја имал Заев имало белешка од Интерпол во која пишувало дека возилото е на жител од Качаник.
„А дали се сеќавате дека рековте дека авторот на предметот, „Монструм“ е Синиша Алексоски – праша Насер Рауфи, мислејќи на советникот за национална безбедност во Кабинетот на поранешниот претседател на државата Иванов
Заев не се сеќава:
„Не се сеќавам да сум спомнал такво нешто. Може сум прочитал нешто, сум слушнал нешто затоа пак ќе кажам дека случајот треба да се истражи до крај“.
Новинарите се интересираа зошто Заев од позиција на опозиционер говореше едно, за сега да ретерира. На ова тој даде трагикомичен одговор:
-Затоа што сега има независно правосудство. Премиерот не се јавува на судии и обвинители за да врши притисок. Процесот тече транспарентно. Буквално можете да правите онлајн од самата судница. И така се носи правдата во правна држава.
Заев во 2015 од позиција на лидер на опозиционер тврдеше дека има прислушувани разговори со кои ќе се открие вистината за Монструм, за денеска во суд во својство на сведок да каже дека не добил целосна слика за петкратното убиство што се случи во април 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.