Премиерот Зоран Заев ја прими претседателката на Европскиот економски и социјален комитет, Криста Швенг, која престојува во земјава по повод Форумот на граѓанското општество на Западен Балкан, што вчера и денеска се одржа во Скопје.

Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека Швенг на средбата ја потврдила определбата за забрзување на процесот за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, што од Форумот во Скопје ќе биде вклучена во декларацијата на граѓанското општество од регионот и нагласи дека примерот на Република Македонија е инспиративен заради големата посветеност што земјата ја манифестира за европеизација на своето општество и особено во делот на дијалогот со социјалните партнери и граѓанското општество.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев ја поздравил организацијата на Форумот, кој се одржа како подготвителен настан за Самитот на ЕУ за Западен Балкан што на 6 октомври во Словенија ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите членки и на земјите од регионот, и ја нагласи важноста на централната тема на форумот „Зајакнување на пристапниот процес – Кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“.

На средбата, на којашто присуствувал и шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, амбасадорот Дејвид Гир, Заев нагласил дека очекува препораките од Форумот на граѓанските организации од Западен Балкан да бидат дел „од новиот импетус за поддршка на проширувањето на кој е толку неопходен за да се направат потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ“.

Заев потенцирал дека за Владата е апсолутно редовна практика дека во справувањето со заедничките предизвици и проблеми кои не се само политички, туку и економски и социјални, социјалните партнери и граѓанските организации имаат клучна и суштинска улога со нивното активно вклучување во креирањето на политиките, особено во делот на имплементацијата на „зелената агенда“ во согласност со директивите на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.