Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска во Прилеп, на прашање на претставниците на медиумите за објавите од исказот на Орце Камчев пред ЈО ги отфрли како лажни сите наводи изнесени во новинарскиот текст, и ја повикува јавната обвинителка Рускоска да ја потврди веродостојноста на записникот што е објавен.
Секако дека ќе тужиме затоа што тоа не е точно. Јас неколку пати јавно отфрлив било каква поврзаност со Бојан Јовановски и со случајот Рекет. До ден денес стојам на тие ставови. Сакам да бидат објавени. Обврска на обвинителството е да објави дали е тоа така кажано. Како што јас прочитав денеска рано утрово, објавена е една страница од записникот, а потоа се прераскажува останата содржина со што се прави сериозна манипулација, рече Заев.
На прашањето дали ќе побара политичка одговорност доколку се докаже дека политичари биле вмешани во случајот „Рекет“, Заев повтори дека за било кој во државата одговорност мора да има доколку се докаже дека е виновен.
Тој додаде дека лично не верува дека некој од високите функционери на СДСМ е инволвиран во случајот, но секако остава истрагата тоа да го докаже.
Ја охрабрувам истрагата, го охрабрувам Јавното обвинителство, целокупното правосудство. Наша обврска е да создадеме услови за независна истрага низ целата постапка која што ќе ги даде сите одговори и во интерес на јавноста и граѓаните. Уште еднаш кажувам, тоа е убав мегдан, предизвик да покажеме сите како држава дали знаеме да се справуваме со вакви девијантни, криминални во општеството. Вакви случаи има насекаде во светот, но најважно е како државата се справува со нив преку сите институции кои, согласно законот, се повикани за тоа, одговори премиерот Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Comments are closed for this post.