Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Русос Кундурос, новиот амбасадор на Хеленската Република, во земјава.

На состанокот е пренесена порака од Атина за продолжување на пријателството помеѓу двете држави, преку унапредувањето на соработката во областите важни за граѓаните на двете држави, што се оценува дека е веќе во фаза на реализација.

Заеднички е констатирано дека Македонија и Грција, преку пријателството, промовираат стабилност во целиот Западен Балкан. Изразена е поддршка од Грција на нашата држава за прогрес и во евроинтеграциите, по постигнатото членство во НАТО, како и за техничка помош во процесите важни за европските перспективи.

На средбата посебно е разговарано за интензивирање на економската соработка, каде, како и во енергетиката, се бележат видливи резултати.

Низ економијата, граѓаните на двете држави почнуваат да чувствуваат директни бенефити од преспанскиот договор, како историски чекор и значајна определба на двете држави за градење добрососедски односи, инклузивна и конструктивна соработка, рече Заев.

На средбата е посочена и важноста на соработката во областа на здравството, земјоделството, образованието, културата, социјалната заштита.

Премиерот Заев упати покана преку амбасадорот Кундурос, до грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за посета на Република  Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.