Премиерот Зоран Заев денеска заедно со вицепремиерот Фатмир Битиќи ги повика на состанок министрите за култура Ирена Стефоска, за животна средина Насер Нуредини, за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Македонски железници Хари Локвенец со цел да ги анализираат наодите од алармантниот нацрт-извештај што УНЕСКО го испрати до надлежните институции за сосотјбата во која се наоѓа Охридскиот Регион.

Според соопштението на Владата Заев потенцирал на состанокот дека определба на Владата е да се зачува статусот на Светско наследство на Охридскиот Регион, имајќи ги предвид реалните ризиците и можноста ова природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје. Тој рекол дека целта е заштита на регионот како и владеење на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Премиерот Заев на средбата истакна дека нацрт-извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, до сега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот Регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро. Беше потенцирано дека Владата ќе инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот Регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото како што се, на пример, проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година, Љубаништа 1 и 2, се вели во соопштението.

На состанокот било нагласено дека Владата ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност, како и активности за координација со Владата на Албанија за прашања од заеднички интерес за заштита на Охридското Езеро и крајбрежниот појас.

Владата ќе преземе итни чекори за стручно кадровско екипирање во најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина, а истото се очекува да го направат и општините во своите надлежности. На состанокот е договорено да продолжи координацијата меѓу надлежните институции со забрзано темпо и до УНЕСКО да биде доставен соодветен одговор по однос на алармантниот нацрт-извештај, а штом се заврши темелната анализа сите наоди ќе бидат презентирани пред јавноста од страна на Премиерот и сите останати релевантни носители на јавни функции, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.