Премиерот Зоран Заев во гостувањето на телевизија „Клан“ изјави дека со новите измени на законот за легализација се воведува целосна забрана за легализација во заштитените подрачја и националните паркови.

Заев додаде дека во претходната верзија се предвидувало да има соодветно мислење од националните паркови, но за жал граѓаните немаат доволно доверба и сега таму легализација нема.

Ги слушаме граѓаните кога реагираат. Реагираше и претседателот на државата за две прашања, па го врати законот. Согласно деловникот во Собранието, кога претседателот го враќа законот непотпишан тој треба да оди повторно на гласање во рок од 30 дена. Тие 30 дена не се доволни да издебатираме доволно со граѓаните, граѓанските организации, па и пратеничките групи и за да извлечеме максимум најдобро решение – изјави Заев, објаснувајќи ги причините за повлекувањето на законот од собраниска процедура.

Заев додаде дека домовите каде што граѓаните живеат, кои им се адреса на живеење и граѓаните кои примаат социјална помош нема да платат никакви надоместоци во општината, а државата ќе ги плати геометриските елаборати со цел тие да го легализираат својот дом.

Граѓаните нека тргнат по селата и нека се запрашаат дали сите куќи имаат одобрение за градба. Општините и државата поттикнувале да се гради во село за да останат во село и многу често прогледувале низ прсти, уште од независноста – изјави Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.