Премиер Зоран Заев изрази задоволство што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува измените на Законот за лични карти за етничката определба, но во исто време и жали што, како што рече, опозицијата преку непочитувањето на Уставот и уставното име на државата се обидува на кој било начин да изнајде пречки и нови причини за блокирање на ваквите законски решенија.

СДСМ својот став во поглед на Законот во личните карти да има етничка определба каде што ќе посакаат граѓаните, го кажа уште при донесување на уставните промени и тоа беше владин став во тоа време, затоа што дефинитивно ние сме мутлтиетничко општество каде што покрај државјанството македонско, граѓани на РСМ, граѓаните се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби, сите етнички заедници коишто постојат во државата и немаме проблем во документ за лична идентификација да го имам тоа право – истакна Заев на прес-конференцијата за потпишување на договор за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција со амбасадорката на Германија во земјава Анка Холштајн.

Заев потврди дека веќе се одржале состаноци и дека ќе бидат подготвени за имплементација на ова законско решение.

Во однос на коментарите за предложените амандмани од Левица и дека СДСМ се крие зад нив, со цел да не се донесе тој закон, Заев рече дека Социјалдемократскиот сојуз, а и владината коалиција секојпат е транспарентена со своите ставови, јавно ги соопштува и ги дава аргументите за таквите ставови.

Ниту имаме, ниту ќе имаме каква било причина да се криеме со некојси опозиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, во случајот Левица или со која било друга политичка партија – додаде Заев.

Пред два дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека нема проблем во личната карта да му стои неговата етничка определба дека е Македонец.

Не гледам проблем во тоа да стои во личната карта дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои се обидуваат да го спречат сето тоа. Не гледам причина зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, а некој тоа сака да го спречи – истакна Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.