На било какви планови или нон-пејпери за менување граници, контрааргументот е Македонија и ги разбиваме сите глупави идеи за менување граници, бидејќи сме здраво мултиетничко општество“, нагласи на партиската трибина во Дебар, претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тој рече дека денеска Македонија е сигурна и безбедна земја, која во следниот период уште повеќе ќе работи на поткревање на економскиот стандард.
-Како поминува пандемијата, јакнеме економски. Ние го вбризгуваме секој денар назад кон граѓаните, преку ослободување од давачки, а зголемување на извори на приод. Имавме ваучери за туризам, картички за купување… Годишно враќаме 40 милиони евра преку МојДДВ и сите тие пари ги враќаме назад кон граѓаните. Ќе продолжиме преку дијалог да се бориме и да создаваме пријатели и да подаваме рака. Целиот свет ни се поклони и ќе продолжиме да го дигаме економскиот стандард. Тука сме да констатираме што е сработено, иако не сме сјајни, но сме стопати подобри од другите, не правиме пљачки и за забегани проекти, нашиот најголем споменик е нашиот народ, кажа Заев.
Тој рече дека имаме сериозни предизвици во претстојниот период и порача да се продолжи засилено со вакцинацијата, бидејќи децата треба да се вратат во училиште, а во септември ќе се спроведува попис.
-Важно е наесен да ги поттикнеме економските можности, а како излегуваме од кризата ќе имаме уште повеќе инвестиции, бидејќи Македонија е сигурна земја, под закрила на НАТО, што е огромен предуслов за инвестициите, рече Заев.
„Без Дебар не можеше да се победи режимот во 2016 година, а од тогаш навака не поддржувате постојано, затоа му должиме на Дебар и треба да продолжиме да го градиме и развиваме“, изјави Заев.
-Јас сум истиот Зоран што беше кај Макрон пред некој ден, бев насекаде во светот и бевме испочитувани сите ние како народ за она што заедно го правиме во земјава. За десет до петнаесет дена поминав земји и со кои не сме имале најблиски релации во минатото, а денеска со полна уста пофалби државниците од Грција, Полска, Холандија и други зборуваат за нас, истакна Заев, додавајќи дека денеска рамноправно со сите светски сили седиме рамо до рамо, заедно дискутираме за сигурноста, но и за економскиот просперитет.
– Македонија никогаш немала повеќе пријатели од сега, но имаме обврска да работиме за татковината и да го креваме економскиот стандард, вели Заев.
Тој повтори дека пријатели сме и со оние што знаат да ни направат проблеми, како Бугарија, но дека ќе се разговара, а со дијаголот ќе се постигнат резултати.
-Честа што ни ја изразуваат во странство е благодарение на целиот наш народ. Почитувани сме бидејќи ја вративме слободата и демократија, а граѓаните се еднакви во своите права и обврски, заклучи Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.