Криминално-рекетарската влада во заминување подготвува уште еден грабеж тежок десетици милиони евра, предупреди денеска Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој на прес-конференција зборуваше за новата измама поврзана со проектот за системот за итна хеликоптерска помош (САР) и хеликоптерски услуги за потрага и спасување (ХЕМС).

Главниот владин играч за договорот за јавно-приватно партнерство е десната рака на Зоран Заев, Генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а од друга страна стои извесен Саша Ѓаковиќ, кој ја основа фирмата во Република Македонија 24 дена пред владата да го распише јавниот повик. Ни помалку, ни повеќе фирмата којашто е избрана на повикот и е формирана 24 дена пред истиот да биде распишан, визионерски го носи токму истото име како и проектот на Заев – „САРХЕМС“, соопшти Јанушев.

Тој ја повика да ги објасни сите детали околу договорот но, како што рече, без лагите на Заев дека оваа зделка немало ништо да ги чини граѓаните.

Вистината е дека граѓаните ќе ги чини премногу. Има огромен сомнеж дека целиот проект се базира на спорна и во најмала рака скандалознфизибилити студија. Оваа студија, според нашите информации ја изработува извесен професор, машински експерт. Веднаш се наметнува прашањето: Која е неговата експертиза во делот на воздухопловството и какво искуство има истиот во областа? Во таа студија цената на договорот која се предлага изнесува 9 милиони евра годишно и тоа за договор од минимум 8 години. Значи не станува збор за неколку илјади евра, туку за цели 72 милиони евра кои Заев се обидува да ги сокрие, рече Јанушев.

Јанушев додава дека тоа што е уште поскандалозно, не се знае ниту за што точно се исплаќаат, ниту пак од каде ќе се исплаќаат.

Имено, никаде во студијата не е наведена цената на час летање со овие хелихоптери, а не се споменува ниту дали фирмата ќе има обврска да изведе одреден број на летови за деветте милиони евра годишно. Затоа, легитимно се наметнува прашањето што ќе плаќаме за 9 милиони евра годишно, особено кога ќе се видат и другите услови во физибилити студијата.

 

А, таму, таму се сугерира фирмата да користи персонал од МВР и АРМ. На кој основ ќе биде ангажиран не се знае, како што не се знае и зошто би се ослабувале капацитетите на војската и полицијата? Или зошто би се исплаќале 72 милиони евра на приватна фирма за веќе платени и високостручни професионалци од страна на државата?, прашува Јанушев.

Згора на тоа, додава Јанушев, со физибилити студијата се предлага на приватниот партнер да му се отстапи на користење и Центарот за обука на пилоти во Петровец.

Инфраструктурата, хангарите, односно објектите и опремата на центарот вредат околу 10 милиони евра. Зошто тогаш се плаќаат дополнителни 72 милиони?

 

Уште поскандалозен е делот во кој се утврдува начинот како ќе биде исплаќан партнерот на Заев.

 

Имено, студијата предвидува владата да го овласти приватниот партнер да прибира надоместоци и такси согласно позитивните законски прописи во Република Македонија. Кои надоместоци и такси , не се наведува, но, се остава простор, партнерот да бил, внимавајте Ве молам: „ИНОВАТИВЕН“, открива Јанушев.

Верувале или не, кажа Јанушев, владата немало да буџетира дополнителни средства, но ќе му оставела на партнерот да си избира меѓу нови приходи создадени од туризмот, патници кои транзитираат на аеродромите во Република Македонија, дел од средствата од прелети на воздухоплови, па дури и процент од наплатата на патарини.

За 9 милиони евра, колку што Заев сака да се плаќа на годишно ниво може да се набават над 200 најмодерни возила за итна медицинска помош, или 2 современи хеликоптери за давање на итна медицинска потреби. Ете дотаму оди криминалната власт во заминување на Заев.

 

Рокот за склучување на договорот е еден месец по одлуката на владата, а јавноста има право да знае што се содржи договорот за хеликоптерите на Заев и Рашковски.

 

Јавно ги предупредуваме да не влегуваат во нови криминали и да не креираат нови обврски за државата и ги потсетување дека секој еден ќе сноси одговорност за криминалот што го прави, порача Јанушев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.