Креативните идеи од ЕУ се последна надеж за отстранување на бугарското вето, оптимист е премиерот Зоран Заев дека во јуни Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ.

Македонија нема што повеќе да понуди. На ред е Унијата да најде начин како да ја одржиме првата меѓувладина конференција во јуни, вели премиерот, дополнувајќи дека на средбите во Брисел му било потврдено дека досега ниту една земја не преговарала за идентитетските прашања.

Патот до деблокада води преку разни идеи кои веќе кружат низ ЕУ, вели Заев.

Еден дел од тие идеи дојдоа од грчкиот премиер. Креативно работеле и размислиле за одредени чекори и постапки кои се работа на земјите-членки на ЕУ и на европските институции. Не е мое јас да ги коментирам овие идеи. Искоментирав бидејќи ми е должност пред граѓаните и дека сум задоволен што се оди чекор повеќе. А тоа е на вакви креативни начини, Европа да си ја донесе одлуката.

Лежи ли евентуалното решение за македонско – бугарскиот случај во отворање на додатно поглавје при преговорите? Официјално, секоја земја со Брисел преговара на 34, но говорејќи во Атина, Заев посочи дека Бугарија ќе има можност да не блокира на отворањето на секое од 35-те поглавја.

34 поглавја се. Веројатно е грешка во наративот. Колку се поглавјата – толку се. Нови поглавја ниту дозволува ЕУ, ниту пак ние би се согласиле да бидеме исклучок од сите други земји кои преговарале, вели Заев, иако Македонија не би била првата земја кандидат за ЕУ која би имала додатно поглавје при преговорите. Во случајот на Србија, беше воведено 35-тото поглавје, кое се однесува на нормализација на односите со Косово.

Прашањето не е непознато и во ЕУ патоказот.

Ова поглавје вклучува разни прашања што се појавуваат за време на преговорите, a кои не се опфатени во ниту едно друго поглавје за преговори. За Поглавјето 35 насловено – Други прашања” не се спроведува скрининг, а тоа е предмет на преговори во последната фаза од процесот на пристапување, се наведува во европските прирачници, цитира Сител.

Премиерот вели дека нема да се откажат и од директен дијалог со новата техничка влада во Бугарија, потенцирајќи дека веќе се воспоставени контакти и се очекуваат билатерални средби во наредниот период.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.