Премиерот Зоран Заев денеска телефонски разговараше со заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави Џон Саливан и изрази благодарност за силната поддршка на САД за време на целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев го запозна Саливан со активностите на Владата на Република Македонија во врска со спроведувањето на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, односно од Договорот со Грција.
Двајцата соговорници за време на телефонскиот разговор се согласија дека успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО, е од исклучително значење за двете земји, но и за регионот, наведува прес-службата на Владата.
Премиерот истакна и дека Република Македонија останува на својот долгорочен и стратешки интерес за дополнително развивање и проширување на односите меѓу двете земји, особено во делот на економските релации.
Заев и Саливан го споделиле заемниот интерес и определба двете земји да останат посветени на прашањата за мирот и стабилноста на земјата и на регионот. Во таа насока, Саливан ја изразил неговата постојана поддршка за Преспанскиот договор и истакнал дека со нетрпение чека да и посака добредојде на Македонија како 30-та членка на НАТО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.