Зоран Заев, претседателот на СДСМ, денеска на прес-конференција истакна дека на 5 јули дефинитивно ќе се одржат предвремени парламентарни избори и покрај големиот број на позитивни случаи на Ковид-19.

Тие ќе се случат на 5 јули, најбрзо што е можно да има функционална Влада и Собрание. Тоа е во корист на граѓаните. Не ни треба Наќе Чулев, бидејќи опозицијата е настроена деструктивно. Изборите остануваат онака како што е пропишано во Уставот и законите – рече Заев.

Претседателот на СДСМ рече дека биле многу блиску со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но не постигнале договор за датумот на изборите. Со тоа, според поранешниот премиер, нема да има повеќе преговори.

Заради економските мерки, заради поддршка на најсиромашните беше донесена нова вонредна состојба од две седмици, односно да не бидат изборите во јуни. Последната отстапка води до 5 јули. Бујрум, сите имаат сега време да се подготват. Вирусот слабее во неговиот ефект, иако се шири. Вака ќе биде и на 5 август и на 5 октомври и на 5 јануари 2021. Народот е насекаде, по кафичите, по рестораните, по моловите, по парковите, по улиците – додаде Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.