Милам дека одлуката на Либерално-демократската партија е исправна и дека полека и другите партии ќе се двојат од коалициите, изјави за МКД.мк пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, која партија е дел од коалицијата на СДСМ „Можеме“.
Лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека тој и досега, и како пратеник во Собранието и преку јавните настапи, изразувал лични политички ставови и ставои на својата партија, кои не секогаш се исти со тие на СДСМ. Смета дека самостојното делување во парламентот на партиите ќе биде неминовен процес и во другата голема коалиција, таа на ВМРО-ДПМНЕ.
Самостојното делување во парламентот овозможува повеќе процедурални погодности, вели Трајанов и посочува дека во моментов пратениците се ограничени во поглед на барањето за процедурално обраќање, за барање на пауза на седниците, или пак се ограничени и во поглед на давање на реплика на говор на пратеник од коалицијата.
Лидерот на Демократскиот сојуз вели дека самостојното делување на пратениците од различни партии не мора да значи и ситнење на парламентарното мнозинство. Ваквите формални чекори, како што тоа го направи ЛДП, не мора да значат и паѓање на Влада во одреден момент, бидејќи тоа може да се случи и во услови на „цела” коалиција доколку се случат некои крупни настани.
ЛДП инаку, денеска соопшти дека донесе одлука за самотојно делување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски, но и дека таа одлука датира од август минатата година, а дека не била реализирана од „објективни причини”.
За ЛДП тоа претстатува демократски потег и не е поврзано со дневно – политички теми, а партијата ќе продолжи да ја поддржува Владата преку своите двајца пратеници. „Во наредниот период одлуката ќе се реализира и ЛДП ќе делува како и останатите либерали во парламентите низ Европа”, соопшти ЛДП.
Премиерот Зоран Заев и лидер на коалицијата на СДСМ денеска изрази разочараност од потегот на ЛДП.
„Ваквиот исчекор на ЛДП е повредување на коалицискиот или заедничкиот настап. Не е потребно сега, можело да се почека 15 дена или месец дена, ама ЛДП е партија и сама си одлучува за тоа. Ова го сметам за удар на СДСМ, бидејќи времето не соодветно за таква одлука”, изјави Заев.
Инаку, пред ЛДП, самостоен настап остварија и четворицата пратеници на БЕСА, па сега практично, коалицијата на СДСМ „Можеме“ брои 40 пратеници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.