Во телефонскиот разговор со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев изрази благодарност за зголемениот ангажман на германското претседателство со ЕУ, за личното вклучување на министерот за надворешни работи Хајко Маас, на државниот министер за ЕУ Михаил Рот, како и за личниот ангажман на канцеларката Меркел.
Премиерот Заев за време на разговорот истакна дека СР Германија направи многу за европската иднина на Западен Балкан, вклучително и преку Берлинскиот процес со којшто годинава претседаваат заедно Бугарија и Македонија.
Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса која не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите.
Постојаните претставници во Брисел на земјите членки на Европската унија расправата за преговарачката рамка за Македонија ја одложија за в петок, соопштуваат дипломатски извори во Брисел. Имено, КОРЕПЕР, како што скратено се нарекува Kомитетот на амбасадори на земјите членки на унијата кој вообичаено ги подготвува одлуките за министрите, требаше денеска да расправа за можноста за отворање на пристапните преговори со земјава.
ЕУ врши притисок врз Бугарија, а петок е последниот ден кога треба да се приближат ставовите на амбасадорско ниво, за министрите следниот вторник на 10-ти ноември формално да ја увојат политичката одлука за старт на преговори на Македонија со ЕУ. Средбата на Корепер не се одлучува, но Македонија е денеска тргната од дневниот ред, за да има време до петок Софија и Скопје да постигнат начелен договор, под палката на Берлин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.