Во интервју за белградски „Курир“ премиерот Зоран Заев, запрашан околу проблемот со Бугарија и блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ, рече дека постои решение за сѐ, но треба да се избере вистинскиот момент.

„Кога на Балканот има избори, тоа се тешки моменти, тешко се решаваат проблемите, а избори сега имаше во Бугарија. Се разбираме исто како и со Србија, зборуваме слични јазици и верувам дека ќе најдеме разумно решение“, додава Заев.

За состојбите во регионот и блокадата на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија во интервју за МИА говори и Јоргос Катругалос поранешен шеф на грчката дипломатија. За односите Скопје – Софија и бугарското вето очекува дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат храброста за справување со проблемите.

„Обврските за добрососедските односи ги сносат секако земјите кандидати, но ги сносат и самите земји членки на Европската унија. Сакам да се надевам дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и Македонија“, порача Јоргос Катругалос.

Катругалос во врска со нон-пејперот вели дека тоа е многу опасно, дека Балканот и натаму останува буре барут со жаришта кои се познати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.