Премиерот Зоран Заев потврди дека со министерот за здравство Венко Филипче преку посредници сакале да ги набават 200-те илјади кинески вакцини на Синофарм па дека поради тоа им бил вратен авансот. Целта, според премиерот, била да се најде начин како побргу да се стигне до вакцините.
– Во овој период правиме напори по какви било канали како што очекуваат нашите граѓани за час поскоро да ги имаат вакцините. После две недели, не можевме да добиеме контакт преку кинеската амбасада со Синофарм и дадовме нарачки преку приватни компании, кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да пристигнат преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада, рече Заев денеска.
Тој додаде дека преку писма за намери Владата остварила контакти со десетина приватни компании од разни земји за да се дојде побргу до потребниот број на вакцини.
„Да, сме правеле нарачки, ни помогна и „Пауер Чајна“, мајка-компанија на Синохидро. Таа е една од кандидатите за изградба на Чебрен, џиновска компанија во сопственост на Кина“, рече Заев.
Заев исто така рече дека немал никаква лоша намера со ангажирањето на приватна фирма која ќе им помогне во набавката на вакцините.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.