Премиерот Зоран Заев го посети трговскиот центар “Глобал”, кој синоќа изгоре во голем пожар. Според првичните сознанија, огнот најпрвин зафатил четири продавници на приземјето и се проширил кон првиот кат и пазарот.
Премиерот истакна дека материјалните штети се огромни и оти нанесени се непоправливи економски штети на деловните субјекти кои работат таму.
Добро е што нема повредени, нема изгубено човечки животи и тоа е најважно, се друго се надоместува, рече Заев, кој упати благодарност до Територијалната противпожарна едницица во Струмица која со шест возила и 38 луѓе го гаснеше пожарот.
Благодарност до противпожарните единици од Струмица, кои се справуваа со пожарот во трговскиот „Глобал“ до 4 часот наутро. Тие беа организирани со 6 противпожарни возила и 38 пожарникари, изјави денес премиерот Зоран Заев од Струмица, по увидот на местото каде што се случи синоќешниот пожар.
По обиколката, во придружба на струмичкиот градоначалник, Заев повика на хуманост, на донации, а најави и помош од Владата.
Уште од утре организираме масовна солидарна акција и за расчистување и возобновување на Глобал и солидарна акција со финансиско помагање со сите можни аспекти кои ни стојат на располагање, пред се како држава, Влада, секако како Општина, но и како граѓани во духот на солидарноста, потенцира Заев, додавајќи дека е убеден оти многу брзо ќе го вратат Глобал во нормала и сите граѓани кои имаат уништено имот ќе им го вратат во првобитната состојба.
Апелира до деловните луѓе кои имаат свои ресурси на располагање уште денеска да ги прават плановите да го расчистат теренот, но откако за тоа ќе дадат согласност јавниот обвинител и МВР, бидејќи внатре е се уште забрането влегување.
Според него, „Глобал“ е симбол на модерна Струмица.
Пожарот кој ноќва го зафати трговскиот центар Глобал во Струмица е изгаснат рано утринава, но изгореа над десет продавници и голем дел од пазарот, кој се наоѓа во средишниот дел.
Тажна е сликата денеска, по пожарот кој ноќеска пред полноќ, избувна во трговскиот центар „Глобал“. Изгорени се повеќе трговски објекти и внатрешниот дел во којшто се наоѓаат продавници и тезги. Пожарот е изгаснат, но се уште под контрола на пожарникарите за да не се појават нови жаришта. За среќа жртви и повредени нема, но причинета е голема материјална штета, објави денес градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Градоначалникот Јаневски рече дека е среќна околност што нема човечки жртви и вети оти се што е материјална штета со поддршка на централната власт ќе надоместат.
Се сретнавме предмалку со здружението на субјектите кои работат во Глобал. Тие веќе имаат свои видувања и ставови, да почекаме да заврши овој период на изнаоѓање на причините за оваа несреќа, проценка на евентуалните штети и ќе почнеме со соработка со организација на она што се вика помош за секој од нив, рече Јаневски, кој се заблагодари на противпожарната единица Струмица, за нивната професионалност, и до општините кои покажаа солидарност.
Тој испрати голема благодарност до пожарникарите од Струмица и нивните колеги од Кавадарци, Радовиш, Штип и Валандово, како и за вработените во ЈПКД „Комуналец“, за несебичната пожртвуваност и натчовечките напори коишто ги покажаа во гаснењето на пожарот.
Според Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, пожарот во „Глобал“ бил пријавен од стражарската служба, а пожарникарите стасале за 3 минути.
Најпрвин избувнал во делот каде се врши доставување на стока и брзо се проширил. Опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и беше пренесен во болницата во Струмица каде по укажаната помош е пуштен на домашно лекување, рече Гудев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.