Премиерот Зоран Заев денеска нагласи уште еден потег што е подготвен да го направи под ризик да биде критикуван и од домашната јавност.
Подготвен сум, иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот или како што тоа го направија Германија и Франција, да гледаме низ призмата на пријателството, изјави Заев.
Заев кажа дека Македонија предложила авионска ескадрила на Бугарија да го чува македонското небо и тоа е доказ за голема доверба кон нашите соседи.
Прва беше Грција, сега Бугарија, а се понудија и пријателска Турција и Италија кои сакаа да ја вршат оваа достоинствена и важна задача согласно НАТО-стандардите, а ние објаснивме дека имаме и втор сосед којшто исполнува услови како што е Бугарија. Согласен сум ако треба уште еднаш да ги дефинираме работите коишто се напишани во Договорот, а тоа е немешање во внатрешните работи вклучително и малцинските права затоа што тие се решаваат на меѓународно ниво пред Судот за човекови права, рече Заев.
На прес конференција во Битола премиерот нагласи дека во земјава ќе се продолжи со вградување на европските вредности.
Треба да продолжиме со Бугарија, да правиме напори, и како што ме охрабрија неколку земји од ЕУ, зборувам како Зоран Заев, предводник на нашето македонско општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде, во душата и срцето на Балканскиот Полуостров, среќен сум што се уште останало европско во Европската унија преку овие чекори што се преземаа овие неколку денови. За нас Европската Унија е светост, нашата европеизација ја сакаме со постигнување европски вредности дома и ние тоа ќе го правиме со блокади или без блокади. Ние друга алтернатива немаме, сакаме да вградиме европски вредности дома и да си ја европеизираме државата. Ако Европа освен со фондовите како што досега ни помага, ни помогне и со експерти за поглавјата, знам дека преговарачкиот процес ќе го забрзаме. Тоа е нашата иднина и верувам дека за тоа ќе помогнат сите соседи, ќе помогне соседна Бугарија, истакна Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.