Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска беа примени од канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел.
Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата. На средбата канцеларката потенцираше дека Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев на средбата рече дека Република Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан.
Во соопштението од Владата се наведува дека СР Германија е наш стратешки партнер со кој заедно работиме на политиките за помирување на Западен Балкан, на стабилизацијата на регионот и на обезбедување економски напредок и демократска трансформација, процес којшто ќе заврши со нашето интегрирање во ЕУ.

Претседателот на Владата на РСМ Заев, на средбата нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ, и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември.
На средбата на делегацијата на Владата на РСМ во Берлин, се потврди дека во СР Германија, како и во другите земји-членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската Комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ. Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора, се заклучува во владиното соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.