1 Мај – празникот на работничките и работниците и оваа година го одбележуваме во посебна состојба заради условите што ги наметна пандемијата. Освен здравјето на луѓето, кризата се закани да загрози илјадници работни места. Токму затоа, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше македонскиот работник – обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места, за илјадници вредни работници редовно да земаат плати и да однесат приход во своето семејство, наведува премиерот Зоран Заев во видео обраќање со кое го честита Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

Работните места на прво место! Тоа беше главната цел на првите состаноци со економските тимови кога почна пандемијата. И задоволен сум што оваа наша цел немаше многу противници – напротив, преку заеднички консултации и со фирмите и со синдикатите, успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична, истакнува Заев.

Тој потенцира дека со тоа уште еднаш се докажа дека работниците се движечката сила на економијата и на развојот на нашето општество.

И покрај ударот од глобалната Ковид криза, платите продолжија да растат – и ќе растат понатаму. За неполни четири години минималната плата ја донесовме од 9.000 до над 15.000 денари. Тоа е повеќе од 6.000 денари месечно по лице, или 72.000 денари повеќе за секој работник годишно. И ќе расте. Платите особено пораснаа во здравството, образованието, но и во армијата, во полицијата и во социјалниот сектор. А со субвенциите за придонеси на фирмите, околу 200.000 вработени во реалниот сектор добија поголеми плати, додава премиерот во обраќањето.

Тој потестува дека историската неправда кон стечајните работници се реши за околу 12.000 лица кои добиваат месечен надоместок од 8.000 денари до нивното пензионирање.

Економско-социјалниот совет е отворен дури и за оние синдикати кои не се репрезентативни, и со сите нив, во името на правата и грижата за работниците го креираме новиот текст на Предлог-законот за работните односи. И конечно – недела ќе биде неработен ден, потенцира Заев.

Премиерот нагласува дела економијата е стабилна, кризата ја поминавме без поголеми потреси и конечно излегуваме од неа.

За тоа сте најзаслужни токму вие и вашиот труд! Бидете горди поради тоа и знајте дека државата е тука секогаш за вас, затоа што оваа држава ја разбира и цени работничката мака. Нека е честит 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Нека е за многу години!, истакнува премиерот Заев во видео честитката по повод 1 Мај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.