Бројката на администрацијата се намалува и тоа го потврдуваат сите официјални бројки. Но, државата мора да продолжи со нејзина рационализација и допрофесионализација, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на пратеничко прашање.

Според Заев, денес може да се каже и дека е направен сериозен исчекор кон департизација на администрацијата. Но, како што порача, реформите за ефикасна, ефектна и професионална јавна администрација мора да ги поддржи и Собранието.

Вработувањата во последниов период, информира, се заради пополнување на испразнетите места – пензионирања и заминувања на некои граѓани во приватниот сектор. Овие позиции, објасни Заев, поради короната не можеа да се пополнат зашто финансиите од Буџетот беа насочени пред се кон поддршка на економијата и здравството.

Реформите во јавната администрација треба да бидат поддржани од Парламентот, посебно законите кои во септември ќе бидат на дневен ред. Тие се изработени од експерти, зборуваат и со опозицијата и ќе ги почнат сите разговори паралелно со владејачките партии со цел реформата да ја поминеме заедно. Верувам дека можеме да успееме во тоа. Транспарентноста е најголем сојузник во департизацијата на администрацијата и нејзината професионализација, а со новите законски решенија верувам дека ќе го унапредиме процесот кој сите тежнееме – истакна Заев, одговорајќи на прашањето на пратеникот Кирил Пецаков.

Заев посочи дека од 165.000 во 2017 година, администрацијата денес е сведена на 132.000.

Администрацијата за мене е и Заев и министрите и замениците министри, сите, и јас и останатите. Бројката продолжува да се намалува и тоа го потврдуваат официјалните бројки. Најмногу е застапена во јавните претпријатија на локално и државно ниво. Но, државата треба да продолжи со нејзина рационализација. Последната 1,5 година поради Ковид-мерките парите беа насочени за економијата и болните од корона. Точно година и пол немаше соодветно пополнување на испразнетите места за кои администрацијата имаше потреба, едни одат во пензија, други заминуваат во приватниот сектор – рече Заев.

Негова оценка е дека веќе граѓаните, поради повисоките плати, се почесто се одлучуваат за приватниот сектор и тоа, нагласи, е добро. Конкурсите, пак во јавната администрација се со заострени критериуми, што повторно е во насока на што поголема професионалност и ефикасност.

Пратеникот Пецаков рече дека не е задоволен од одговорот и изнесе бројки за актуелни, според него, партиски вработувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.