Претседателот на Владата Зоран Заев во пресрет на отворањето на Генералното собрание на ЕБОР во Сараево се сретна со заменик-помошникот секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот на САД, Метју Палмер.
На средбата беше потенцирана одличната соработка помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави и премиерот Заев изрази голема благодарност за континуираната поддршка на САД за членство на нашата земја во НАТО и ЕУ. Палмер истакна дека успешно спроведените претседателски избори ја носат државата во вистинскиот правец и ги олеснуваат заложбите за добивање на датум за преговори со ЕУ.
Демократските, фер и кристално чисти избори потврдија дека нашата земја станува зрела демократија, а граѓаните дадоа масовна поддршка на концептот едно општество за сите. Покажавме како земја дека имаме капацитет да ги решаваме тешките прашања, а сега сме фокусирани на иднината и економскиот прогрес на земјата. Со 12 ратификации на протоколот за нашето членство во НАТО веќе се чувствуваат позитивни ефекти и охрабрување за нови инвестиции. За нас е многу важно Европската унија да ни даде датум за преговори во јуни за да го оствариме европскиот сон на многу генерации наши граѓани, рече премиерот Заев.
Палмер ја потенцираше важноста нашата земја да добие датум за преговори со ЕУ и во таа насока рече дека е оптимист посебно заради фактот што Македонија покажа дека е пример во регионот со потпишувањето и реализацијата на Преспанскиот договор и со реформските процеси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.