Новиот премиер Зоран Заев официјално ја презеде функцијата. Рано утрово тој во Владата се сретна со досегашниот премиер кој ја предводеше техничката Влада Оливер Спасовски.
Заблагодарувајќи му се на досегашниот премиер Спасовски и на членовите на преодната Влада за успешната работа во изминатите девет месеци, Заев оценил дека храбро и успешно се справиле со здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19.
Во такви сложени услови, како што се наведува во соопштението од Влада, успешно биле организирани и спроведени фер и демократски избори и избрана новата Влада.
Заев подвлекол дека државата продолжила со реформските процеси и следствено на тоа сега е горда членка на НАТО Алијансата и ја остварувала зацртаната ЕУ перспектива по добивањето на одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија.
Посакувајќи му успешна работа на функцијата министер за внатрешни работи, премиерот Заев на Спасовски му посакал плодна соработка и продолжување на совладување на предизвиците во ресорот, како и активно учество во работата на Владата во донесување на политики од интерес на граѓаните.
Согласно агендата, точно напладне премиерот Заев заедно со членовите на новата Влада ќе оствари средба и со претседателот Стево Пендаровски, а за попладне е закажан и состанок со претставници на четирите стопански комори во земјава.
За денеска е најавено и примопредавање на функциите во министерствата за внатрешни работи, за правда и за култура, а изјава пред главниот влез на Владата ќе даде и првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.