Лидерот на СДСМ, Зорaн Заев, на митинг пред граѓаните на Пробиштип најави инвестиција од 30 милиони евра и проширување на фабриката за производство на акумулатори „ТАБ МАК“. На митингот беа промовирани и програмата на кандидатот за градоначалник Драган Анастасов-Ладич, како и советничката листа, чиј носител е Оливер Андовски.
Со дозвола секако на пријателите од Словенија, а тука е и локалниот менаџмент можам да објавам дека утре имам состанок со „ТАБ МАК“ од Словенија. Денеска јас бев таму, утре се Словенците тука, каде што ќе разговараме за новата инвестиција, за проширување вредна 30 милиони евра, којашто отвара нови работни места. Јас смеам толку да кажам, се надевам дека таа доверба што ја имаме досега со оваа значајна македонска компанија, со словенечки капитал дека ќе биде доволна причина за утре да ги заокуружиме и финализираме сите договори. Затоа што ова е нешто, што е многу важно, коешто ќе значи идеен развој, нови работни места, зголемен економски стандард за нашиот и ваш Пробиштип – изјави Заев.
Заев порача дека ќе продолжат да инвестираат во граѓаните, како што и досега тоа го правеле, со зголемување на минималната плата, како и на просечната.
Затоа една од првите мерки беше зголемувањето на минималната плата од 8 или 9 илјади на 12.000 денари. Денес таа е 15.200 денари со тенденција да достигне 18.000 денари до крајот на годината. Тоа овозможи да растат платите во сите сектори и денес таа да изнесува 28.744 денари или за над 6.000 денари повеќе отколку во 2017 година. За четири години и просечната и минималната плата се покачени за најмалку 100 евра – порача Заев.
Тој изјави дека овие години се посветени на трајно искоренување на сиромаштијата.
Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто, пензиите порасна за во просек по 2.000 денари, ги обесштетивме стечајните работници и воведовме државна социјална пензија, покрај детскиот воведовме и образовен додаток. За рударите ги олеснивме условите за пензионирање, односно сега рударите остваруваат право на пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рудар се пензионирал со навршени 58 години, со новото решение се пензионира на околу 50 години. И сето тоа го постигнавме додека редевме успеси на меѓународен план, додека ја исправавме државата на вистинскиот евроатлантски пат – рече Заев.
Тој нагласи дека нашата иднина е во ЕУ и тоа нема алтернатива.
И покрај потешкотиите што Унијата во овој период ги има околу проширувањето, не се откажуваме од европската агенда, не се откажуваме од тоа европските стандарди и вредности да ги носиме дома – изјави Заев.
Тој на пробиштипјани им порача дека имаат вреден и квалитетен градоначалник, кој во изминатите четири години работел, лобирал и носел проекти за Пробиштип. Потсети дека се реализирани капитални проекти, а најави дека Анастасов ќе реализира и уште сто проекти.
Со реализација на инфраструктурни проекти продолжуваме, затоа што сметаме дека се важни за граѓаните – изјави Заев.
Тој порача дека Пробиштип го има вистинскиот кандидат за градоначалник Драган Анастасов, како и советничката листа предводена од носителот Оливер Андовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.