С Македонија ги заврши сите свои обврски што произлегуваат од листата со критериуми за почеток на завршниот преговарачки процес за пристапување во членство во Европската Унија, рече премиерот Зоран Заев непосредно пред вечерашната средба во Брисел.

Заев на покана на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, вечерва присуствува на заедничката работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан на која предвидено е да се дискутира околу актуелните прашања за регионот во контекст на напредокот на земјите во процесот за нивно пристапување во ЕУ.

Заев смета дека Македонија го сработила својот дел и дека сега е време и ЕУ да го испорача ветеното кон нас и тоа без одлагање. Тој очекува одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа да се официјализира почетокот на преговорите уште во мандатот на португалското претседателство со Унијата.

„Претставници на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Знаат и разбираат дека тоа ниту било, ниту треба да биде на европската маса за преговори за членство на Македонија во ЕУ“,изјави Заев од Брисел.

Тој додава дека земјава е подготвена и има добра волја да се разговара со Бугарија за отворените билатерални прашања без тоа да влијае кон пристапувањето кон ЕУ.

„Со лидерите на земјите од Западен Балкан имаме неподелен став дека ЕУ не може да смета дека е целосна без регионот и дека секое одлагање на процесот на вклучување на земјите од Западен Балкан ја доведува во прашање неколку пати повторуваната определба на ЕУ за проширување и кредибилитетот на Брисел меѓу нашите граѓани“,додаде Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.