Не е точно дека Бугарија ѝ стави вето на Македонија, туку поставивме критериуми, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, во денешното гостување на радио Канал 77.

 

Зоран Заев пак очекува уште едно вето до крајот на месецов, така што, според него, е извесно дека Македонија годинава нема да ги почне преговорите со ЕУ.

„Разговорот за членството на Македонија во ЕУ многу погрешно се претставува во земјата. Бугарија не стави вето, туку постави критириуми, според кои треба да се спроведе првата меѓувладина конференција. Бугарија беше првата држава на која основна цел на надворешната политиката ѝ беше интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. Ние очекувавме дека во рамки на неколку години, Договорот ќе се спороведе. Три години и три месеци Договорот не се исполнува. Ниту Комисијата работи, ниту е отстранет говорот на омраза. Нашата поддршка не може да биде безусловна. Кога С Македонија ќе биде спремна на конструктивен договор, ние сме подготвени за тоа. Но, има некои рецидиви од времето на Југолавија кои во 21 век не се нормални. Какво добрососедство, кога во последниот период во Македонија има 15 илјади негативни статии за Бугарија“, рече Каракачанов.

Заев, пак, изјави за Канал 77 дека е извесно дека до крајот на годината Македонија нема да ги почне преговорите со ЕУ.

„Имаме уште малку време и простор, меѓутоа извесно е дека Бугарија месецов пак ќе стави вето. Мислам дека треба да почекаме да им поминат изборите во март, да размислуваат со трезна глава. Да го немаат тој притисок од избори. На пролет да се решава прашањето“, изјави премиерот.

Заев нагласи дека ќе свика лидерска средба, но откако ќе се разреши ова поглавје од преговорите со Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.