Очекувам Трифонов да се коригира за употребата на терминот Северномакедонци, изјави премиерот Зоран Заев откако вчера првиот човек на партијата Има таков народ шоуменот Слави Трифонов претставувајќи ја вселенската програма на идната влада со неговата провокација прати порака дека нема намера да не нарече како Македонци. Заев со внимателност истакна оти верува дека се работи за незнаење.
„Кога некој не нарекува тоа што не сме тогаш тоа повредува. Ние сме Македонци, ние зборуваме македонски јазик, како што нашите пријатели или браќа како што јас ги кажувам се Бугари и зборуваат бугарски јазик. Јас очекувам да се коригира заради тоа што сепак е политичка партија која што еве видовме доби најголема поддршка од граѓаните на Република Бугарија.“, рече Заев.
Заев вели дека би сакал што побрзо формирање влада за да продолжат преговорите, но според изборните резултати тешко може да се очекува тоа да се случи наскоро.
„Со воспоставување политичка влада како резултат од вторите парламентарни избори нормално, ние очекуваме исчекор во решавање на проблемот кој што е појавен помеѓу нас и Република Бугарија. Во такви околности се надевам дека ќе се формира Влада. Засега нема на повидок некои коалиции кои што би поддржале заедничка Влада, односно би формирале парламентарно мнозинство и затоа велам очекувањата ми се 50 – 50 дека ќе се формира Влада.“, вели Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.