Европскиот инвестициски план кон Западен Балкан е од исклучителна важност и доаѓа во вистинско време кога земјите од регионот се подготвуваат за пост-ковид периодот на рехабилитација и е поттик на растечките економски трендови кои се успорени или запрени поради влијанието и последиците од пандемијата, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на Виенскиот економски форум.

Тој додаде дека Владата со поддршка на сите чинители во општеството како и со меѓународните финансиски институции креираше мерки за ублажување на ефектите од пандемијата со план за раст на економијата на среден и долг рок.

Посебно внимание посветивме на креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Во Република Македонија на почетокот на оваа година се утврдени охрабрувачки трендови кои се резултат на шест пакети економски мерки во текот на изминатите 12 месеци. За тоа говорат и буџетските приходи кои се повисоки во однос на преткризниот период: 4,4% е растот на вкупните приходи, 5% е растот на даноците и придонесите. Сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаа граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност и солидарност, рече Заев.

Тој потсети дека на самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Софија, Македонија се приклучи на потпишувањето на две важни политички декларации што треба да го забрзаат идниот економски раст.

Првиот е за спроведување на Заеднички регионален пазар меѓу шесте земји од Западен Балкан, додека вториот е за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, подготвен од Европската комисија. Двата процеса ќе доведат до понатамошно зајакнување на регионалната економска интеграција, што дополнително ќе го забрза економскиот раст на Македонија. Заедно со Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, кој издвојува до 9 милијарди евра за целиот регион во следните неколку години, ќе создадеме солидна основа за идните перспективи на регионот. Јас сум оптимист дека инвестициите во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција ќе создадат одржлив раст и работни места, рече Заев.

Преку инвестициската рамка за Западен Балкан, досега се финансирани 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Македонија.

Заев додадека дека европскиот инвестициски план за Западен Балкан, се очекува да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција.

На Виенскиот економски форум воведни обраќања имаа и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, претседателот на Словенија, Јанез Јанша, извршниот директор на групацијата А1 Телеком Австрија, Томас Арнолдер и претседателот на Виенскиот економски форум, Петар Умундум.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.